Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, денеска изјави дека ракописи за учебниците по историја за петто и шесто одделение се веќе доставени до Министерството.
Според информациите што ги добивам од Педагошката служба, учебниците, односно ракописите се добри и квалитетни и очекуваме рецензии, истакна Шаќири и ги повика професорите кои имаат забелешки за учебниците по историја, општество или за спојувањето на предметите да се вклучат во изработката на рецензијата на тие учебници.
Министерот, за време на денешната посета на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, нагласи дека по добивањето на рецензиите се надева дека во рок од 30 дена ќе заврши целата постапка и изработените учебници ќе бидат кај учениците.
– Ме радува и фактот дека кога дискутираме за одредени учебници, професорите кои имаат забелешки имаа подготвителни материјали кои веќе се објавени. Тие што имаат дискусија за програмата на тие предмети нека прават споредба на подготвителните материјали за темите кои се учат во тој предмет, за да се вклучат во процесот, а исто така учениците моментално имаат подготвителни материјали кои се подготвени од страната на Бирото за развој и се според учебната програма, истакна тој.
На новинарското прашање кои се причините што не се пријавуваат рецензии министерот одговори дека едната причина се забелешките за содржинскиот ден на избраниот учебник за петто одделение, како и забелешката за спојувањето на двата предмети, историја и општество, во еден.
– Сега имаме ракопис за тој учебник и мислам дека од една фаза не треба да има причина заради тоа што претходно имаше пријавени рецензии и сега треба истото да биде, истакна министерот и ги повика професорите да се вклучат како рецензенти и јавно да ги кажат забелешките на тие теми.
На прашање во врска со ситуацијата на учениците од шесто одделение од основното училиште „Његош“ во Јурумлери, министерот истакна дека родителите на децата кои учат на албански јазик во комуникација со Министерството донесоа одлука да се запишат во друго училиште за да продолжи нивната настава, но нагласи и дека МОН вети дека ќе продолжи дискусијата со училиштето за решавање на проблемот.
– Кога имаме забелешки од Просветен инспектораи и од другите институции, ние како институција излегуваме на терен. Ги повикувам родителите кои сега бојкотираат да бидат вклучени во процесот на сите извештаи што ќе бидат доставени до МОН од сите други органи што ќе ја проверуваат работата. Не треба децата да страдаат ниту од едната ниту од другата страна, нагласи Шаќири и додаде дека не гледа проблем во тоа децата од шесто одделение од второто полугодие да не продолжат со настава во истото училиште.