Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој се наоѓа во официјална работна посета на Вооружените сили на Обединетото Кралство, денес оствари средба со началникот на генералштабот, адмирал Сер Антони Радакин.
Генералот Ѓурчиновски и адмиралот Радакин разговараа за повеќе прашања од билатералната воена соработка, како и за учеството во рамки на активностите на НАТО и меѓународните операции. Притоа, началниците го потврдија високото ниво на воената соработка и можностите за понатамошно нејзино зајакнување. Од страна на адмиралот Радакин е искажана подготвеност за поддршка во процесот на интероперабилност.
За време на престојот во Обединетото Кралство, генералот Ѓурчиновски оствари официјална средба и со Лорд Стјуарт Пич, кој е специјален претставник на ОК за Западен Балкан и поранешен претседавач на Воениот комитет на НАТО. На средбата со Лорд Пич се разговараше за безбедносните предизвици во регионот и Европа во контекст на војната во Украина, како и за одбранбени прашања од взаемен интерес.
Претходно, армиската делегација ги посети oдбранбената академија во Шривенам, како и базата на кралското воздухопловство-Булмер, каде генералот Ѓурчиновски оствари средби со воените раководители.