Во текот на утрешниот ден ќе биде објавен тендерот за избор на изведувач за изградба на интерконекторот за природен гас меѓу Северна Македонија и Грција, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
-Утре се објавува тендерот за почнување на изградба на новиот гасен интерконектор со Република Грција што ќе ни даде одлична можност како држава постепено да направиме енергетска транзиција, особено во делот на работата на РЕК Битола и РЕЦ Осломеј. Гасот ќе се користи како транзициски енергенс до 2040 година и ќе биде последниот проект од фосилни горива што го инвестираат ЕБОР и ЕИБ, рече Бектеши.
Дополнително, додаде, во спецификацијата од страна на „Номагас“ е предвидено во иднина откако ќе се развие технологијата во нашата држава двете термоелектрани да се пренаменат на водород.
Предвидено е гасниот интерконектор да биде во должина од 123 километри и да се протега од Неа Месимвриа до Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас. Делот од македонска страна чини 83 милиони евра и парите се обезбедени од меѓународните финансиски институции. Грчкиот оператор ДЕСФА го презеде и управувањето на делот од гасоводот кој што ќе поминува низ Македонија, откако беше избран на тендерот објавен од државната компанија НОМАГАС.
Гасниот интерконектор треба да биде завршен до средината на 2025 година.