Откако денеска во Даблин се случи вооружен напад, во кој беа повредени пет лица, од кои три деца, вечерва во градот избија немири при што демонстрантите се судрија со полицијата.
Демонстранти запалија полициски автомобил и два автобуса, откако по социјални мрежи се појавија непроверени информации дека напаѓачот кој повреди со нож три лица во градот е странски државјанин.
Вечерва, полицајците употребија штитови и палки откако се собра толпа, додека неколку полициски возила биле оштетени. Ирскиот премиер Лео Варадкар изјави дека се распоредени дополнителни полициски ресурси. Комесарот на Гардата (Полиција) Дру Харис ја обвини за насилството „лудата, хулиганска фракција“ која учествувала во насилствата додека полицијата се обидувала да го зачува местото на злосторството.
„Бараме од луѓето да се однесуваат одговорно, да не слушаат дезинформации и гласини кои кружат на социјалните мрежи“, им рече тој на новинарите.
На претходната прес-конференција помошникот Лиам Герати изјави дека тешко повреденото девојче добило итна помош во болница, додека другото девојче и момче се полесно повредени. Тој додаде дека иако истрагата е сè уште во рана фаза, полицајците се уверени дека нема „активност поврзана со тероризам“ и дека се чини дека станува збор за „независен напад“.
Инаку, ирската полиција приведе маж откако три деца и двајца возрасни се повредени во напад со нож пред основно училиште во центарот на Даблин, пренесува Дејли меил.