Прекумерната употреба на антибиотици опасно ја поткопува нивната ефикасност што може да биде одговорна за 10 милиони смртни случаи годишно во светот до 2050 година, предупреди европскиот разгранок на Светската здравствена организација (СЗО).
„Развојот и ширењето на супербактериите се забрзуваат со злоупотреба на антимикробни лекови, што го отежнува ефикасното лекување на инфекциите“, се вели во соопштението на СЗО Европа, која вклучува 53 земји и се протега до Централна Азија.
„Сите земји во нашиот регион имаат регулативи што штитат од злоупотреба на антибиотици. Спроведувањето на овие регулативи ќе ги реши повеќето проблеми со злоупотребата на антибиотици“, истакна Роб Батлер, раководител на одделот за заразни болести. Организацијата на ОН проценува дека, без итна интервенција, отпорноста на антибиотици може да предизвика до 10 милиони смртни случаи годишно до 2050 година.
Истражувањето спроведено во 14 земји од регионот, лоцирани во Источна Европа и Централна Азија, покажува дека причините наведени како оправдување за земање антибиотици во 24 отсто од случаите се настинка проследена со симптоми на грип (16 отсто), болки во грлото (21 отсто) и кашлица (18 проценти).
„Оваа ситуација е загрижувачка бидејќи овие симптоми често се предизвикани од вируси против кои антибиотиците не дејствуваат“, се вели во соопштението. Главен извор на загриженост за здравствените власти се рецептите.