Македонската фудбалска репрезентација според моменталниот рејтинг во евро-квалификациите за пласман на завршницата од Светското првенството (СП) во 2026 година кое ќе се игра во САД, Канада и Мексико ќе го дочека од третиот барабан. Овој Мундијал ќе биде прв кој ќе се игра со завршниц од 48 репрезентации. Од проширениот состав на завршницата најмал ќар ќе имаат европските репрезентации за кои визите се зголемија од 13 на 16, што е драстично помал скок во однос на другите континенти.
Квалификациското натпреварување на стариот континент по групи ќе се одржи од март до ноември 2025 година. Селекциите ќе бидат поделени во 12 групи од кои една половина ќе бидат со шест, а другите со пет тима. Пласман на СП директно ќе обезбедат само победниците на секоја од 12-те групи, додека второпласираните ќе играат плејоф заедно со четирите најдобри од Лигата на нации за преостанатите четири визи за Мундијалот. Ќе бидат поделени во четири сегменти (А, Б, Ц и Д), ќе се играат полуфинални и финални дуели, по што ќе бидат познати и последните четири репрезентации од Европа кои ќе учествуваат на СП во 2026 година.
Според сегашниот распоред на барабаните, Македонија не би можела да биде во иста група со Грција, Албанија, Словенија, БиХ и Црна Гора, но би можела да падне во екс-Ју група со Хрватска, Србија и со Косово.
