Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Русија го разбира опкружувањето во кое се наоѓа Србија и притисоците со кои се соочува, додавајќи дека Москва има посебен однос со Белград кој има намера да го развие. Песков ги коментираше зборовите на претседателот на Србија Александар Вучиќ за намерата на Белград да ги подобри односите со НАТО. Како што изјавил Песков, „сега не им е лесно на Србите“, додавајќи дека Русија и Србија одржуваат посебни односи, пренесува руска Газета.
Тој посочи дека руската страна ја разбира Србија.
„Најдобар начин да се изгради врска е да се води дијалог. На Србите не им е лесно, тие се под притисок. Ние имаме свои посебни односи со Србија, ги цениме високо и ќе продолжиме да ги развиваме“, рече портпаролот на Кремљ.
Претседателот Александар Вучиќ на 21 ноември изјави дека Србија ќе ја развива соработката и односите со НАТО, но истовремено ќе ја задржи воената неутралност, потсетуваат оттаму.
Српскиот лидер посочи и дека Србија има намера во блиска иднина да ја разгледа можноста за спроведување заеднички вежби со силите на Северноатлантскиот договор.
Вучиќ претходно кажа како ќе продолжи да ги гради односите со Руската Федерација.
Весникот „Известија“ пишува дека ден претходно, на 20 ноември, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за време на турнејата низ Западен Балкан изјави дека Алијансата ја разгледува можноста за зголемување на постојаното присуство на територијата на Косово и на Западен Балкан во целина.
Претходно (на 16 октомври), додаваат оттаму, рускиот претседател Владимир Путин во интервју за кинеската медиумска корпорација потсети дека по ветувањето на НАТО дека нема да се шири на Исток, веќе поминаа пет бранови на такви проширувања.
Рускиот лидер посочи дека е невозможно да се гради безбедноста на некои земји врз основа на поткопување на безбедноста на другите, потсетува „Известија“.