Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на првиот настан со кој започнуваат 16-те дена активизам против родово базирано насилство, наречен „Сложувалка” во организација на Министерство за труд и социјална политика и канцелариите на УНФПА во Северна Македонија.
Во продолжение интегрално го проследуваме неговото обраќање:
„Вечерва е првиот настан со кој ги започнуваме 16-те дена активизам против родово базирано насилство и мислам дека многу симболично овој настан Министерството за труд и социјална политика го има наречено „Сложувалка”, затоа што само добро структуриран, сеопфатен, сложен и посветен систем на многу делови може да одговори соодветно, да превенира и заштити.
Во оваа „Сложувалка” секој дел е важен, сите знаеме која е фрустрацијата кога недостига еден дел од сложувалката која трпеливо сме ја ределе.
Вчера зборував на отворањето на годишната конференција на Платформата на женско претприемништво каде истакнав дека половина од жените во нашата земја се надвор од пазарот на труд. Ова е нешто што сите мораме да го адресираме и да работиме кон намалување. Со кревање на свеста, со креирање на можности и секако со креирање на услови кои нема да дозволат да се економски зависни, што во нашата сложувалка ги прави ранливи. Токму поради тоа, родово сензитивните политики не се работа на ексклузивност туку на фокус, а во фокусот е неискористениот потенцијал на жените и е нивно право. И тие, мора да се вклучени во нашето планирање и имплементирање на политиките.
Друг дел на нашата сложувалка се институциите. Со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство се уредува преземањето на мерки за превенција од насилство врз жените и семејното насилство, постапувањето на институциите за заштита на жените од насилство и семејно насилство. Министерот Спасовски ќе зборува повеќе, но обуките за постапување при пријава на насилство се важни, затоа што храброста на жената да крене глас, да се јави, да пријави, мора да биде сретната со испружена рака за помош и соодветен одговор за грижа.
Потоа следуваат центрите сервиси за жени жртви на насилство и семејно насилство, кои веќе ги имаме воспоставено во сите плански региони како и советувалишата за жртвите.
Жртвите… Овој збор силно одекнува за мене. Нашата сложувалка треба да осигура дека жртва нема да стане единствена вистина за жените кои поминале низ ваква траума. Задача на сите нас е да им овозможиме да го прошират нивниот живот, нивните капацитети и можности за оваа траума повеќе да не ги допира сите ѕидови на нивниот живот.
Да не дозволиме да станат или останат економски зависни, да не дозволиме да не се охрабрат да пријават, во тој процес, да не дозволиме двојна виктимизација, да не дозволиме да мислат дека е нивна вина или нивна судбина… да не дозволиме истата да ја пренесат на следните генерации.
Денеска, пред вас покрај како вицепремиер стојам и како маж и татко. И јас сум активен сојузник на сите жени. Тоа го учам мојот син и тоа е наша обврска. Да ги учиме сите наши синови, дека борбата ни е заедничка, бидејќи сите сме дел од истата сложувалка, а во неа жените се сврзното ткиво”.