Делегацијата на Европскиот парламент ќе испрати делегација за набљудување на изборите во Србија на 17 декември, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што соопшти истражувачко-издавачкиот центар Демостат, повикувајќи се на извори од Брисел, составот на делегацијата сè уште не е познат, но речиси е сигурно дека дел од неа ќе биде и словенечкиот либерал Клеме Грошељ.
Одлуката за набљудување на изборите, како што се додава во текстот, е донесена откако на адресата на Европскиот парламент е испратено писмо од официјален Белград, односно претседателот на српскиот парламент, Владимир Орлиќ, со барање да се назначи набљудувачка мисија.
Демостат наведува дека се очекува набљудувачите од Европскиот парламент да бидат дел од мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ (ОДИХР).
Минатата година првпат Европскиот парламент имаше делегација која ги набљудуваше изборите во Србија одржани на 3 април пред две години, а која беше дел од мисијата на ОБСЕ.
Набљудувачите од ЕП беа предводени од холандскиот пратеник на социјалдемократите Теис Ретен, во чија изјава, дадена по изборите во Србија, беше оценето дека главен успех е учеството на опозицијата, која претходно ги бојкотираше парламентарните избори, како и дека Српската напредна партија и нејзините сојузници „вршеле притисок врз гласачите и ги злоупотребувале медиумите“.
Ретен тогаш изјави дека изборите покажале дека гласањето на три нивоа (претседателски, парламентарни и локални во одредени општини) не треба да биде „нормална практика во кревките демократии, бидејќи лошите изборни услови се основа за злоупотреби“.