Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска по повод Светскиот ден против насилството врз жените изјави дека насилството врз жените има се повеќе, но дека е можен поинаков свет.
„Насилството врз жените и девојчињата е глобален предизвик за луѓето. Пандемијата на Ковид фрли дополнително светло на ова прашање, барајќи итна акција на сите нивоа, секаде каде што е можно, од сите луѓе“, рече Гутереш, објави веб страницата на ОН.
Тој рече дека во април апелирал до меѓународната заедница да работи на ставање крај на насилството „еднаш засекогаш“.
„И денес го кажувам истото. Глобалната заедница мора да ги слушне гласовите и искуствата на жените и девојките и да ги разбере нивните потреби, особено жртвите и оние кои се соочуваат со повеќе видови на дискриминација. Треба да дадеме приоритет на женското лидерство во решавањето на проблемите и да ги вклучиме мажите во борбата“, рече Гутереш.
Генералниот секретар рече дека овие мерки не треба да се однесуваат само на периодот по насилството врз жените.
„Треба да работиме за да спречиме насилство да се случи“, рече Гутереш, додавајќи дека одговорноста на сторителите на насилството треба да се зајакне.