Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изврши увид на сите реализирани, тековни и отпочнати проекти во СВР Битола.
Полициската станица во Битола пред четири години го доби новиот лик, како една од станиците кои уште во 2019 година беа опфатени со активностите од Стратешкиот план на МВР за динамично подобрување на стандардите на работењето на полициските служби, што ги започнавме во 2017 година, истакна министерот Спасовски.
-За реконструкцијата беа инвестирани над 7 милиони денари од Буџетот на МВР. Меѓу другото, во овој објект, т.е. објекти – воспоставен е систем на соларни панели, а канцелариските простории на подрачјето на СВР Битола комплетно се опремени со инвертер клима уреди. Но, во рамки на подрачјето што го опфаќа Секторот за внатрешни работи Битола, во 2021 година имавме вистинска градежна експанзија со наша инвестиција од 38 милиони денари, кога беа реконструирани уште четири полициски објекти во надлежност на СВР Битола, односно ОВР Прилеп, ОВР Ресен, ОВР Крушево и Полициското одделение Кривогаштани, во кои покрај другото комплетно е сменета дограмата, изработени се нови фасада, поставена е изолација и сл. Не можам, а да не потсетам дека градежните работи за реконструкција и санација на овие објекти, се одвиваа во време на пандемијата, со максимално почитување на сите протоколи, а се завршија квалитетно во дадените рокови, на наше задоволство, на задоволство на колегите – вработени во овие полициски станици и на граѓаните, нагласи Спасовски.
Во изјава за медиумите министерот Спасовски потсети дека за сите посочени пет објекти за кои издвоивме средства во вкупен износ од 45 милиони денари.
-Динамиката на капиталните инвестиции во ресорот МВР преку реконструкции и изградба на објекти во изминатиов период резултираше со 80 реновирани енергетски ефикасни објекти на МВР низ државата, во кои се вложени 8 милиони евра, но и три нови, од темел градени објекти, и тоа ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци и за опоравување од катастрофи, во соседниот град Прилеп, неодамна промовираната најсовремена Форензичка лабораторија на Балканот, во рамки на Одделот за форензички испитувања во кругот на МВР во Скопје и изградбата на новата Полициската станица Аеродром. Инвестициите во модернизација на нашите припадници на полицијата, што во овие шест години ги реализиравме, согласно максимата „Задоволна полиција-безбедни граѓани”, практично значат инвестирање во подобра и побезбедна иднина за сите нас, истакна Спасовски.
На прес – конференција во Битола, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски искажа јавна пофалба за вработените во СВР Битола и како што подблече, очекува силно и во наредниот период СВР Битола ќе продолжи да бележи позитивни резултати, зголемена ефикасност и намален криминалитет, подигнувајќи ја уште повеќе безбедноста на заедницата, преку градење на партнерски однос со граѓаните – како нивен вистински сервис.