Словенечки државјанин е осомничен дека се обидел да убие двајца сонародници на кои налетал со автомобил по вербален конфликт на автопат во Хрватска и е во притвор, соопшти вечерва загрепската полиција.
Полицијата поднесе кривична пријава против 39-годишен Словенец осомничен за обид за убиство на двајца мажи на возраст од 42 и 35 години при сообраќаен конфликт на автопатот кај наплатната рампа Света Елена.
Помладиот се здобил со тешки телесни повреди, а постариот со полесни повреди. Со полесни повреди се здобиле и патниците кои биле со осомничениот, дваесет и тригодишна жена и малолетник, информираат од полицијата.
Конфликтот настанал поради претходно незадоволство од возење по автопат, а кулминирал со вербален конфликт, по што осомничениот со намера да ги убие двете лица налетал со автомобил и ги повредил, информираат од полицијата.