Според многу експерти, дигиталната трансформација не завршува само со т.н. дигитализација на компаниите и јавните институции. Според нив, трансформацијата мора да биде подлабока и суштинска која не само што ќе ја олесни работата, туку ќе треба и да постави цврсти темели на одржливост и следливост на податоците.
На оваа тема разговаравме со експертот за Блок чејн технологија, Дарко Симуновски кој вели дека без разлика дали сакаме или не, Македонија ќе мора да се дигитализира и да влезе во системот на дигитализација, а со тек на време да размислува и за Блок чејн.
„Македонија е дел од инцијативата на ЕУ таканаречена: ,,Дигитална агенда на западен балкан”, започната во 2018 година. Со тоа можеме да се осигураме дека ние ќе бидеме дигитализирани, најверојатно од надвор, поради немање стручен кадар и игнорирање на експерти од областа. ISO 20022 е глобален стандард за електронска размена на податоци помеѓу финансиските институции, по налог на BIS (главна банка на сите централни банки) a развиен од Меѓународната организација за стандардизација (ISO), глобално тело кое поставува стандарди за различни индустрии, вклучувајќи ги финансиите и технологијата. Создаден е преку соработка помеѓу различни финансиски институции, пазарни инфраструктури и тела за стандарди ширум светот, со цел да се направи заеднички програмски јазик и структура за пораките што се користат во банкарските и финансиските трансакции, со цел да се подобри, ефикасноста и точноста во финансиската комуникација. Ваквиот пристап опфаќа различни аспекти како плаќања, хартии од вредност, трговско финансирање и друго, нудејќи побогати, стандардизирани податоци за подобра комуникација и поедноставни трансакции. Овој стандард е потребен, но не е неопходен за сите сфери на општеството, пример за чување на податоци и интерен приватен блокчејн на корпорација не мора да има ИСО стандард за својот леџер“ истакна Симуновски.
Експертот вели дека светот е подготвен за блокчејн технологија, со оглед на радикалната дигитализација во општеството во изминативе две децении.
„Европската унија (ЕУ) истражува различни блокчејн мрежи и апликации. Се користи во сектори како управување со синџирот на снабдување, верификација на дигитален идентитет, транспарентно управување, права на интелектуална сопственост, па дури и трговија со енергија. ЕУ, исто така, работи на регулаторни рамки за да обезбеди одговорна и сигурна имплементација на блокчејн технологија низ земјите-членки. Блокчејн технологијата ќе се користи во сите платежните системи, прекуграничните трансакции и усогласеноста со регулативата за подобрување на ефикасноста и намалување на трошоците. Блокчејн технологија веќе се користи или е во припрема на сите гранки во општеството како: идентификација, финансии, токенизација на финанскиски средства, земјоделство, здравство, карбон кредит, трговија, Царина, образование, јавни услуги, гласање и други сектори од приватниот и јавниот сектор“, потврдува Симуновски.
Каде се тука компаниите?
Според желбата, дали компаниите ќе сакаат да имплементираат блокчејн за нивната работа, тој смета дека одговорот би бил потврден поради повеќето бенефиции.
„Со употреба на блокчејн технологија фирмите ќе понудат транспарентност, бидејќи блокчејн обезбедува непроменлива книга на записи, овозможувајќи транспарентна и следлива евиденција на трансакции или податоци низ мрежата. Ова е особено корисно во индустриите како што е управувањето со синџирот на снабдување, каде следењето на потеклото и движењето на стоките е критично. Дополнително се зголемува сигурноста за датотеката, се подобрува ефикасноста во работењето и се намалува потрушавачката. Исто така самата иновативност во фирмата ќе придонесе за долготрајна одржливост на бизнисот кој го водат. Веќе голем број од големите корпорации, имаат изградено своја блокчејн мрежа“. вели Симуновски.
Шимуновски смета дека малкумина детално ја разбираат блокчејн технологијата како функционира и можностите кои што произлегуваат од истата.
„Природно е да се плашиме од непознатото, секако дека се појавува отпор кон иновација и сетирање на нови стандарди, но сепак овој проблем се решава со масовна едукација на политичките чинители, корпорации, фирми, граѓани и поставување на нови наставни програми во образованието. Токму во насока кон едукација и јас придонесувам со онлајн курсевите на Токенпадок и книгата Фундаменти на Крипто Индустријата“, вели соговрникот.
Според него, Блокчејн технологијата се соочува со предизвици за приспособливост кои ја попречуваат нејзината способност да се справи со огромниот обем на глобални трансакции. Има тековни напори за подобрување на приспособливоста, но блокчејн со доволен капацитет за сите светски трансакции сè уште е во тек.
„Тука морам да појаснам дека, повеќето блокчејн мрежи во крипто индустрија, користат децентрализиран и јавен блокчејн за разлика од другите блокчејн мрежи. Блокчејн мрежите што се поставуваат во јавниот и приватниот сектор низ светот кои се централизирани и во тотална контрола на влади и корпорации е дијаметрално различна употреба на истата блокчејн технологија како кај крипто валутите“.
Симуновски смета дека капацитетот на мрежите е технички возможно да се постави, но се уште има прашања кои ќе произлезат од ваквата дигитална трансформација.
„Секоја држава ќе има своj централизиран блокчејн и преку меѓународниот леџер ќе се одвиваат размена на информации и трансакции на токенизирани фиат валути, односно ДВЦБ (Дигитална Валута на Централна Банка) како нов платежен систем кој ќе биде во апсолутна контрола од страна на владата и централната банка. Моментално најбрза блокчејн мрежа која поддржува паметни договори е Солана, која може да обработува преку 4200 трансакции во секунда“ вели тој.
Помеѓу децентрализацијата, безбедноста и брзината
Технички, кога се прави блокчејн мрежа програмерите имаат една трилема помеѓу децентрализација, безбедност и приспособливост т.е брзина.
„Во случајот на владите и корпорациите нивната одлука е јасна тие ќе одат на брзина и безбедност, но ќе ја жртвуваат Децентрализираноста на мрежите. Во случајов кај крипто индустријата, блокчејн мрежите повеќе сакаат да балансираат, додавајќи на децентрализација, а жртвувајќи ја безбедноста или брзината“, појаснува Симуновски.
Игор Мицкоски