На неколку месеци пред претседателските и парламентарни избори, политичката сцена во Македонија почнува да се раслојува, а политичките субјекти да се групираат во блокови.
Иако во јавноста многу се говори, се уште е неизвесно дали СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците ќе настапат со заеднички листи на парламентарните избори.
Шансите, според извори од Бихаќка, за тоа се 50-50 односно се уште се прават истражувања како партијата да се позиционира на парламентарните, но и на претседателските избори.
Од друга страна, нови моменти се јавуваат и во опозицискиот македонски блок, каде ВМРО-ДПМНЕ и Левица не исклучуваат соработка околу формирање на идна влада.
И Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев, деновиве си „испраќаат ишарети“ дека нивна идна соработка е возможна, иако пред само неколку денови меѓу овие партии имаше тешки вербални конфронтации околу последните случувања во Собранието и усвојувањето на Деловникот.
Мицкоски во телевизиско интервју пред некој ден запрашан за можна коалиција со Левица, одговори со „никогаш не вели никогаш“ додека денеска Апасиев истакна дека Левица е прагматична партија и дека по изборите сите опции ќе бидат отворени.
Ваквите најави, за СДСМ станаа јасен знак дека коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и Левица е договрена работа, па таквата соработка ја нарекоа „проруски фронт“.
Денеска, прво преку прес конференција на портпаролот, а потоа и преку објави на членовите на највисокот партиско раководство испратија порака дека тоа е „фронт кој сака режим и изолација повторно и фронт кој сака повисоки плати, пензии и подобар животен стандард“ додека СДСМ го предводи „проевропскиот блок“
Но сепак, „проевропски блок“ има и во опозицијата а тоа наречениот Европски сојуз за промена“ составен од Движењето за демократија, БЕСА и Алтернатива, кој ќе има мисија, конечно после 20 години да го порази ДУИ.
Со тоа, до овој момент на политичката сцена јасно се диференцираат три политички блока.
Едниот е СДСМ-ДУИ, АА, вториот е ВМРО-ДПМНЕ и Левица, додека третиот го сочинуваат БЕСА, Демократско движење и Алтернатива.
Овие три политички блока очекувано е да земат најмногу гласови од гласачкото тело, но политичката ситуација се уште е нејасна до крај, затоа што се уште се немаат позиционирано помалите парламентарни партии, но и партиите во зародиш.
Арсовска, Јакимовски, Димитриевски со амбиција да станат Фактор Икс на изборите
За очекување е политичката понуда на следните избори да стане побогата за нови политички субјекти, предводени од градоначалници на големи и богати единици на локалната самоуправа
Меѓу нив се издвојува Движењето на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски кое со сигурност ќе излезе на изборите со свои пратенички листи.
Градоначалникот на општина Карпош и претседател на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски јавно кажа дека размислува да се кандидира за претседател на државата, а нејасно е како ГРОМ ќе настапи на парламентарните избори.
За градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска доста време се зборуваше дека ќе прави своја партија, во медиумите се појавија дури и детали за нејзиното име и седиште, но досега, се уште нема партија предводена од Арсовска.
Сите овие градоначалници, според информациите што кружат во јавноста се со свои математики да го поматат есапот на големите партии и да освојат некој пратенички мандат со што би станале Фактор Икс на политичката сцена, односно кој и да победи, да мора да биде со нив во коалиција, ако сака да состави влада.
Имајќи ја предвид досегашната комуникација, не е исклучено овие тројца градоначалници да се здружат и со тоа да настапат како четврт голем политички блок на претстојните избори.
Што и да се случи, претстојните претседателски и парламентарни избори, можеби нема да бидат „историски“ како што беа квалификувани многу претходни изборни циклуси, но дефинитивно ќе бидат едни од најнеизвесните.