Почнува судењето на шест тинејџери поради убиството на францускиот професор кој покажуваше карикатури на пророкот Мухамед

Во Франција денеска почнува судскиот процес против шест тинејџери обвинети за убиството на професорот по историја Самуел Пати во 2020 година. Судењето се одвива зад затворени врати.

Пати ги разбесни родителите на муслиманските ученици кога на час за слобода на изразувањето им покажа карикатура на пророкот Мухамед.

Во исламот, прикажувањето на пророкот Мухамед се смета за богохулење.

Еден од шестте тинејџери е 15-годишно девојче кое наводно им кажало на своите родители дека профгесорот на час покажувал карикатури од Мухамед.

Неа и се суди за лажно обвинение, бидејќи било утврдено дека не била на час кога тоа се случило.

Пати беше убиен пред училиштето во предградие на Париз од 18-годишно момче родено во Чеченија, кое набрзо беше усмртено од полицијата.

Пет други малолетници, на возраст меѓу 14 и 15 години во моментот на нападот, беа обвинети за злосторнички заговор и заседа.

Ним им се суди затоа што на убиецот му го покажале 47-годишниот професор или го следеле неговото излегување од училиштето.

На сите им се суди пред судот за малолетници, а им се заканува затворска казна до 2,5 години. Рочиштата кои ќе се одржуваат зад затворени врати ќе траат до 8 декември.

Поради убиство на Пати уапсени се и осум возрасни лица. Франција е дом на најголемото муслиманско малцинство во Европа, а во изминатите години беше цел на терористички напади на исламистите.

По убиството на Пети, дел од професорите признале дека се цензурираат по прашањето за слободата на говорот и вероисповед за да избегнат конфликт со учениците и нивните родители.

Треба да знаете
Последни објави