Преговорите за формирање владина коалиција во Холандија, по шокантната изборна победа на екстремно десничарскиот популист Герт Вилдерс, се соочуваат со проблеми откако човекот задолжен да ги надгледува поднел оставка, јавуваат светските агенции, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Гом ван Стриен, сенатор од Партијата на слободата на Вилдерс, кој беше назначен за надгледувач – „скаут“ на преговорите, викендов се нашол во фокусот на јавноста во земјата откако холандските медиуми објавија наводи за измама во негова поранешна компанија.
Ван Стиерн ги негирал ваквите наводи тврдејќи дека не сторил ништо погрешно, но денеска наутро издал соопштение во кое навел дека немирот поради извештајот и времето потребно за соодветно да се одговори на ситуацијата не одат добро заедно со неговата задача на надгледувач.
„Затоа му кажав на Герт Вилдерс и на претседателот на парламентот дека поднесов оставка како „скаут’“, рекол ван Стриен.
Денеска Стиерн требаше да ја започне формалната задача за формирање коалиција, со средби со лидерите на партиите, почнувајќи од самиот Вилдерс.
По оставката на Ван Стиерн, сите состаноци се откажани.
Инаку, Вилдерс се соочува со тешка битка да ги убеди другите партии да соработуваат со него, со оглед на неговите силни антиисламски, антиимигрантски и антиевропски ставови.
Иако донекаде го ублажи тонот за време на предизборната кампања, манифестот на Слободарската партија бара забрана на џамиите, Куранот и шамиите, како и референдум за напуштање на Европската Унија.
Надминувајќи ги сите предвидувања, Партијата на слободата на Вилдерс (ПВВ) освои 35 места во 150-члениот парламент, девет места пред нејзиниот најблизок ривал, коалицијата на лабуристите и зелената левица на поранешниот еврокомесар Франс Тимерманс, покажуваат излезните анкети. Предноста на ПВВ е далеку поголема од очекуваното.
Партијата на премиерот во заминување Марк Руте, конзервативната ВВД, е на трето место со 23 пратенички места.