Ако 8 мај, кој се посилно се наметнува како можен датум за избори е прифатлив за одржување на вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори, тогаш изборите би се распишале најдоцна на 28 февруари, а техничката Влада би требало да се формира до 28 јануари, изјави денеска претседателот на Собранието Талат Џафери.
Во тој случја, со избори на 8 мај, согласно уставните и законските рокови, инаугурацијата на Претседателот на државата може да се одржи на 12 мај, конститутивната седница на Собранието би се одржала 20 дена по изборите односно до 28 мај, а новата влада би требало да биде избрана до крајот на јуни 2024 година.
Собранието, како што кажа Џафери, е добредојдено за средба за финален договор за изборите, но треба да се имаат предвид и нивните активности и рокови.
– Ако се претпостави она што се шпекулира дека 8 мај би бил прифатлив да бидат заедно регуларни претседателски и парламентарни избори, тогаш роковите се во рамки на минимум 70 и максимум 90 дена од распишување до одржување на изборите. Изборите би се распишале во тој случај некаде на 27-28 февруари. Ако се одржат изборите заеднички на 8 мај како резултат на Пржинскиот договор техничка влада би требало на крајот на јануари да биде избрана, значи 27-28 јануари да се избере техничка влада, изјави Џафери.
Новиот Деловник на Собранието ќе започне да се применува со новиот парламентарен состав односно од свикувањето на конститутивната седница. Согласно тој Деловникот, на третиот ден од конститутивната седница треба да биде избран претседател на Парламентот, кој потоа ќе го извести претседателот на државата дека има мнозинство а тој потоа согласно Уставот да го предаде мандатот за формирање Влада.