Претседатеката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во интервју за телевизијата Нова во Софија зборуваше за подготвеноста на Република Северна Македонија да стане дел од ЕУ од аспект на уставното право, при што потенцираше дека нашиот Устав е современ и го положи испитот на времето во изминатите три децении. Претседателката Кацарска беше прашана и за правата на немнозинските заедници и одговори дека Република Северна Македонија преку Уставот подеднакво ги штити правата на сите граѓани без оглед на нивната националност. На прашањето дали тоа значи дека нема законски пречки бугарското малцинство да биде запишано во Уставот, Кацарска го повтори принципот на еднаквост кон сите граѓани што го промовира нашиот Устав, а за што зборуваат и релевантните меѓународни извештаи и нагласи дека нема законска пречка што не дозволува граѓаните кои се чувствуаат како Бугари, Албанци, Срби, Турци итн, да се изјаснуваат како такви. Во контекст на усогласување на домашното законодавство со европското, претседателката на Уставниот суд одговори дека никому не му е попречено правото слободно да ја изразува својата национална припадност, на пример при секој попис на населението. На прашањето дали има забрана на бугарски културни клубови во Северна Македонија и како Европа гледа на тие случаи, Кацарска кажа дека со закон се точно утврдени критериумите за основање на здруженија на граѓани и притоа потсети дека Северна Македонија е земја што максимално ги почитува одлуките на Судот во Стразбур, при што алудираше дека има држави што не ги применуваат насоките и пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Претседателката Кацарска го даде интервјуто на 26 октомври, за време на основањето на Балканскиот форум на уставни судови, а телевизијата го објави интервјуто вчера попладне, во скратена верзија. Претседателката зборуваше на македонски јазик за време на интервјуто, а прашањата на новинарката Илијана Шишкова беа преведувани на македонски јазик од страна на преведувач којшто го обезбеди телевизијата.