Враќање на скулптурите од Партенон, како и привлекување инвестиции, според грчките медиуми, се очекува да бидат главните теми на агендата на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговата работна посета на Лондон, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис денеска ќе учествува на инвестициска конференција организирана од Морган Стенли и Атинската берза, попладнево ќе се сретне со лидерот на опозицијата Кир Стармер, додека пак за утре е закажана средбата со британскиот премиер Риши Сунак.
Во интервју за Би-би-си, Мицотакис се осврна на скулптурите од Партенон, посочувајќи дека треба да се вратат во Грција, односно во Музејот на Акропол и истакна дека „тука не станува збор за враќање на предмети од спорна сопственост“.
-Сметаме дека овие скулптури ѝ припаѓаат на Грција и дека во суштина се украдени, така што ова, според мене, не е прашање на сопственост, прашањето е нивното повторно обединување, рече Мицотакис.
Објасни дека случајот со скулптурите е исто како на пример Мона Лиза да се пресече на пола и како што рече, едната половина да биде во Лувр, а другата во Британскиот музеј.
-Токму ова се случи со скулптурите од Партенон и затоа продолжуваме да притискаме за договор кој во суштина ќе биде партнерство меѓу Грција и Британскиот музеј, но кој ќе ни овозможи да ги вратиме скулптурите во Грција, објасни грчкиот премиер.