Претседателот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај, вели дека зачленувањето на Косово во Северноатлантската алијанса е многу значајно за безбедноста на Косово и регионот, но и за мирот во светот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на неговата страница на Фејсбук по повод денешниот Ден на силата, како што се именува денот на основањето на Безбедносните сили на Косово (ФСК), Харадинај напоменува дека ФСК продолжува да биде институцијата во која косовските граѓани имаат најголема доверба.
– Косовската армија продолжува да биде најдоверливата институција во Косово. Денеска на „Денот на силата“ гласно кажуваме колку е значајно зачленувањето на Косово во НАТО за безбедноста на Косово и регионот, како и за мирот во светот, напиша Харадинај.
Поранешниот премиер на Косово вели дека денешната манифеставција „отворени врати“ во ФСК овозможува да се разбере воениот живот и „успесите на девојките и момчињата кои се меѓу најдобрите во татковината“.
– Денеска отворените врати во ФСК, ви овозможуваат да го разберете воениот живот, успесите на девојките и момчињата кои се меѓу најдобрите во татковината, кои посветено и решително се на чело на одбраната на слободата стекната со жртви и на мирот. Честит „Ден на силата“, Косово!, напиша Харадинај.