“Европската Кошаркарска Недела“, организирана од Специјална Олимпијада Северна Македонија заедно со Кошаркарска Федерација на Северна Македонија, а со поддршка на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, на 25.11.2023 (сабота) обедини околу 100 атлети, тренери, партнери, поддржувачи и кошаркари, на еден кошаркарски терен, во СЦ “Кале“. Како дел од активностите, лицата со интелектуална попреченост, заедно со нивните партнери во Јунифајд (Unified) тимови, се натпреваруваа во 3Х3 basketball. Преку заземање активно учество на атлетите во Европската недела на кошарката, заедно со ФИБА и Кошаркарската Евролига, Специјална Олимпијада на Северна Македонија повика на еднаквост и ја нагласи потребата за еднакви можности за сите.
Како кулминација на “Европската кошаркарска недела“, г-ѓа Моника Бошкоска, Претседател на Специјална Олимпијада Северна Македонија, и г-дин Перо Антиќ, Претседател на Кошаркарска Федерација на Северна Македонија, потпишаа Меморандум за Соработка во сферата на промоција на инклузијата преку кошаркарскиот терен.
“Посветеноста на промовирањето на инклузивноста преку спортот, на терен, но и пошироко е една од нашите секојдневни задачи како огранок на Интернационалната Специјална Олимпијада. Преку активностите кои ги реализираме со атлетите и со кои демонстрираме дека со подадена рака и вклучување во секоја сфера од општеството, лицата со атипичен развој добиваат можност да бидат еднакви како останатите, континуирано ја шириме нашата мисија. Ова го препознаа нашите пријатели од Кошаркарската Федерација на Северна Македонија, за што сме исклучително благодарни. Верувам дека во духот на спортот и спортските вредности, заедно ќе се бориме за поинклузивно општество.“ – изјави Моника Бошкоска, Претседател на Специјална Олимпијада Северна Македонија.
Со потпишувањето на Меморандумот за соработка, Специјална Олимпијада Северна Македонија и Кошаркарска Федерација на Северна Македонија заеднички ќе работат на зголемено вклучување на лицата со атипичен развој во спортот и спортските натпревари, промовирање на здрав начин на живот, подигнување на јавната свест за лицата со атипичен развој, како и на едукација на теми поврзани со овие целни групи.