Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека патот на Албанија кон ЕУ не треба да биде блокиран од билатералните прашања со Грција.
Официјален Берлин го нарече неприфатливо блокирањето на патот на Албанија кон членство во ЕУ од страна на Грција поради случајот со Фреди Белери, уапсениот избран градоначалник на Химара, кој е етнички Грк, објави порталот Шќиптарија.
„Албанија е земјата која направи најмногу чекори кон членството во ЕУ и овојпат тоа не треба да се прекинува поради прашање на билатерални односи, (како што е прашањето) на Белери“, се вели во соопштението на германското Министерство за надворешни работи за грчкиот весник „Та неа“, цитирано од „Шќиптарија“.
Во соопштението се вели и дека во моментов е во тек истрага на албанските власти за случајот со Фреди Белери и дека треба да се почекаат резултатите.
Белери беше уапсен два дена пред локалните избори во Албанија на 14 мај 2023 година под обвинение за соучесништво во активна корупција, а два дена подоцна од затвор победи на локалните избори во Химара.
Неговото апсење предизвика тензии меѓу Атина и Тирана уште пред изборите, а односите меѓу нив остануваат затегнати.