„Ќе останам на ваша страна, на страната на Северна Македонија, на нејзината Влада, ќе ве придржувам кон патот на напредокот, кон крајната цел што е членство во ЕУ“ рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедносни прашања, Жозеп Борел по средбата со премиерот Димитар Ковачевски.
Тој додаде дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ и го охрабри премиерот Ковачевски да продолжи со работата за добивање полноправно членство и да ги искористи предностите од планот за раст на ЕУ.
„Јас сум задолжен да ги претставувам и вредностите и интересите на ЕУ во светот. И од она што јас го сфаќам и од мојата увереност можам да кажам дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ“ рече Борел.
Високиот претставник на ЕУ рече дека ја уважува и цени позицијата на Северна Македонија во усогласувањето со надворешната политика на ЕУ и со напорите за реформи на европскиот пат.
„Особено вие премиере лично, вашиот ангажман, вашиот силен ангажман со цел да ја внесете Северна Македонија во ЕУ, вашите напори за реформи се нешто што ние навистина во Брисел многу го цениме“ му рече Борел на Ковачевски на прес-конференцијата.