Северна Македонија е скроена да биде успешен мултиетнички модел. Затоа е битно тој модел да го браниме на соодветен начин, со вистински информации и со политички концепти коишто го штитат тој модел. Национализмот е атрактивна идеја која обично се користи во предизборието, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Според Маричиќ, национализмот е силна страна на слабите политички опции.
-Слабите политички опции, кои немаат што да понудат во денешно време, како на пример Левица и ВМРО-ДПМНЕ, мораат да прибегнат кон овие инструменти. Деновиве, имавме ситуација каде што еден пратеник прикажува слика од некој друг настан, и кажува како да е тој настан кај нас. Целта на тие напади е да се замени безидејноста на тие политички опции, да се надополни со национализам. Со емоции, со чувства, вели Меричиќ во интервју за ЦИВИЛ Медиа.
Тој посочи дека национализмот, заедно со дезинформативната пропаганда и со говорот на омраза, се најтешките болести на демократијата.
-Борбата со дезинформациите и со говорот на омраза како најмалигни појави во борбата за демократско општество е постојана и секојдневна, согласно случувањата во светот и државата. Ние како Северна Македонија, како една од поновите членки на НАТО и како држава кандидат за членство во ЕУ сме постојана мета на малигните напади на дезинформациите, говор на омраза, национализмот и се она што има за цел да ја наруши довербата на граѓаните во ЕУ, да ја поткопа довербата во демократијата и генерално кон системот, додава Маричиќ.
Тој смета дека граѓаните секој ден се мета на напади од дезинформации, голем дел и наседнуваат на тие дезинформации. Затоа, како што појансува, кон ова прашање потребно е да се настапи со подеднакво внимание и значење, како и кон сите други прашања.
-И тука е улогата на граѓанското општество. Мислам дека тука треба и похрабро, и поотворено да се кажуваат некои работи, и да се означуваат лажните вести, дезинформациите и говорот на омраза, ако сакаме да го заштитиме здравото ткиво на нашето демократско општество, додава Маричиќ