Норвешкиот фудбалски интернационалец Ерлинг Халанд, постигна еден гол во победата на актуелниот европски и англиски првак Манчестер сити против Лајпциг (3:2). „Граѓаните“ до триумфот во групата од Лигата на шампионите стигнаа со ефикасно второ полувреме во кое анулираа предност од два гола на бундеслигашот.
Халанд со еден нов погодок урна два голгетерски рекорди во елитното клупско натпреварување Лигата на шампионите. На возраст од 23 години и четири месеци, тој стана најмладиот играч во историјата на најсилното натпреварување кој постигнал 40 гола и кој го направил тоа најбрзо досега.
За овие 40 гола на Халанд му беа потребни само 35 натпревари во Лигата на шампионите.
За споредба, на претходниот рекордер Руд ван Нистелрој му беа потребни десет натпревари повеќе за да стигне до 40 гола во Лигата на шампионите.
За генијалниот норвешки голгетер ова е трет рекорд во најсилните натпреварувања што го собори во последните четири дена, бидејќи во саботата стана фудбалер кој најбргу стигнал до 50 голови во англиската Премиер лига.