Вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, преку објава на социјалните мрежи одговори на колумната на професорот и висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески.
„Од академските кругови на ВМРО – ДПМНЕ се огласи професорот Славески со анализа за новиот пакет антикризни мерки, во вредност од 662 милиони евра, наменети за граѓаните и бизнис секторот, кој Владата го промовираше овој вторник, по владина седница. Истиот е одговор на одговорна Влада која се грижи и го штити стандардот на граѓаните и ја одржува ликвидноста на компаниите по скоро три години продолжени кризи“ пишува Битиќи.
Тој во својата објава преку пет точки ги побива ставовите на Славески.
„Прво, добро е што некој од опозицијата конечно признава дека државата има континуиран раст на економијата и дека стапките на раст се далеку над 0, спротивно на какафонијата која изминативе месеци, па и години можевме да ја слушнеме од партиската говорница на ВМРО – ДПМНЕ.
Второ, би сакал да корегирам дека 662 милиони евра, не се 0,5% туку цели 4,6% од проектираниот БДП за оваа 2023 година.
Трето, морам да се осврнам на лошата економска политика на ВМРО – ДПМНЕ, која ја промовираат деновиве, односно да и укажам на јавноста што (ќе) значи крајно неодговорното и на крај, невозможно најавено покачување на пензиите.
Имаме 334.971 корисници на пензија, согласно последниот извештај на ПИОМ за месец октомври 2023 година, помножено со 5.000 денари, кои ВМРО – ДПМНЕ ги предлагаат, е еднакво на 1.674.855.000 денари, односно 27,2 милиони евра месечно, што е вкупна сума од 326,8 милиони евра на годишно ниво. Е сега, можеби оваа сума од скоро 327 милиони евра не е многу голема како процент од БДП (тоа би му дошло некои 2,5% од БДП), но таа е огромна споредено со вкупно предвидениот буџет на ПИОМ кој за 2023 е на ниво од 1.205 милиони евра.
Ова значи дека ВМРО – ДПМНЕ со бројки истресени од ракав за зголемување на пензиите, сакаат дупката во фондот за ПИОМ да ја прошириат за 27,1%, што за добрите познавачи на финансиите, не значи само проширување на дупката во фондот за ПИОМ, туку тоа е буквално креирање на ЦУНАМИ кое за само една година комплетно ќе го збрише фондот за ПИОМ кој во изминативе години константно ги зголемува пензиите на неговите корисници, во исто време намалувајќи го оптоварувањето на централниот буџет кој од година во година префрла се помалку средства кои се неопходни за исплата на пензиите на нашите пензионери.
Четврто, во налет на економиски мисли, ВМРО – ДПМНЕ исто така најавува дека добивката на компаниите ќе биде ослободена од оданочување!? Во нашата држава, реинвестираната добивка не се оданочува!
Петто, одговорно кон граѓаните и државата не умее секој, затоа привилегијата им се дава на оние кои знаат, сакаат и можат“ објави Битиќи.