Нашиот непосреден фокус е да работиме со нашите партнери за да ја продолжиме паузата за да можеме да продолжиме да извлекуваме повеќе заложници од Газа и да обезбедиме дополнителна помош, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен на прес-конференција во Тел Авив.
Како што пренесе Ал Џезира, американскиот државен секретар рече дека Израел не е подготвен да се согласи на продолжен прекин на огнот и ќе продолжи да ја напаѓа Газа откако Хамас ќе престане да ослободува заложници.
Блинкен изјави дека Израел има право да се погрижи нападот на Хамас на 7 октомври да не се повтори и нагласи дека „Хамас не може да ја задржи контролата врз Газа“.
Тој додаде дека Израел мора да преземе повеќе чекори за заштита на животите на цивилите во секоја идна воена операција, вклучително и одредување области каде цивилите можат да бидат безбедни во јужниот и централниот дел на Газа.
– Важен е начинот на кој Израел се брани. Императив е да дејствува во согласност со меѓународното хуманитарно право и законите за војна, рече Блинкен.