Девет пати македонската влада, предводена од СДСМ одвојува буџетски средства како помош, односно ги субвенционира голем дел од граѓаните. Најмногу се субвенционирани пензионерите, потоа следуваат граѓаните кои примаат социјална помош, студентите, но и останатите граѓани со субвенции на цената на струјата. Според економските експерти во Македонија, последните четири години владата предводена од СДСМ дала реална помош.
На овој начин, државата реално им помага на оние на кои им е најпотребна помош. Ова е став и овде, во Грац, Австрија, каде разговарав со професори од неколку факултети, како и со претставници на бизнис секторот, и бизнис организации. Според нив, македонската пракса не е екслузивна само за нас, туку веќе се применува и во некои европски земји. Тие се сведоци дека ова е одлична можност за надминување на кризата, но се едногласни дека во еден момент државната помош ќе мора да запре.
Сите го поставуваат прашањето, а што потоа? Како пример, организациите и бизнис секторот од Словенија констатира дека недостасуваат работници, но, според нив, голем дел од Словенците и не сакаат да работат. Причината е зголемувањето на државната помош кон најранливите категории и социјално загрозените, па сега помошта речиси се доближила со вредноста на минималната плата. На овој начин и работоспособното население наоѓа начин како да користи државна помош, а да работи на црно.
Според бизнис секторот од Австрија, тие сметаат дека владите, секаде мора да престанат со субвенции на населението кое е т.н. социјално загрозено. Според искуствата во развиените земји, потребно е да се помага на пензионерите кои имаат ниски пензии, но сметаат и дека мора да се направи измена во пензискиот систем и да се одреди минимална и максимална пензија. На таков начин, пензискиот фонд би бил стабилен, а помошта на пензионерите со ниски пензии, како што е сега во Македонија, не би била потребна.
Ако, Австрија важи за една од поскапите земји, тука може да се набават производи во маркети по цени исти како во Скопје, но имаат и посебни ресторани каде цените се пристапни. На пример, „Бечка шницла“ може да се најде за 3 евра, салати комплет за 1 евро или некаде цел оброк на пензионер со ниски примања, доколку сака да јаде надвор би го чинел околу 5 евра со вклучен пијалак.
Студиската посета се организира со едукативна цел за одржливост. Според предавачите, потребно е да се создаде целосно одржлив систем во едно општество, а во тој систем државната помош би требало да биде помош, а не егзистенција. Откако им соопштив за случувањата во Македонија, тие дадоа насока дека државата мора да најде механизам како да ги мотивира младите да работат и трудоинтезивни работи и можеби помошта да ја насочат кон компаниите за да се зголемат платите во тие сектори, место да се дава како помош на социјалните случаи. Потоа мора да се изнајде систем како и тие лица да се вклучат во системот за да заработат за нив, ама да дадат и дополнителна вредност. Според нив, проблемот со т.н. социјални случаи е голем во секоја држава, но мора да се најде механизам како да се раздвојат реално оние на кои им треба помош и оние кои “фолираат“, а такви има низ цела Европа.
Игор Мицкоски