Поранешниот српски фудбалски репрезентативец и интернационалец со богата играчка кариера Немања Видиќ, кој на почетокот на годинава поднесе кандидатура за претседател на Фудбалската федерација на Србија и пред да почне „натпреваарот“ службено го предаде, се огласи и јавно праша дали и тој треба прво да оди во затвор за да може да извршува некоја функција во спортот каде постигнуваше завидни резултати на терените. Видиќ во својата кариера најголемите играчки успеси ги постигна настапувајќи за англискиот премиерлигаш Манчестер јунајтед каде ја доби и довербата да ја носи капитенската лента. Со тимот од „Олд Трафорд“ петпати ја осови Премиер лигата, а еднаш и Лигата на шампионите во сезоната 2007/2008.
– А како тоа Драган Џајиќ, кој беше во затвор и призна дека се занимавал со проневера, и Звездан Терзиќ, кој не ја докажал својата невиност, но постапката против него е застарена, ги водат двете најголеми организации во српскиот фудбал. Федерацијата и Црвена Звезда. Тоа е прашање што сите треба да го поставиме – вели Видиќ во интервју за српски „НИН“.
Со ваквото прашање Видиќ испрати и порака за сите луѓе во Србија да не гледаат на работата, дека не е важно дали сте работеле добро или лошо, важно е дали сте подобни или не.
Како што рече, „Џајиќ четири години не успеал да ја докаже својата невиност, а потоа пред 11 години тогашниот претседател на Србија, Томислав Николиќ, го помилувал“. Џајиќ го прифатил и „притоа признал дека ја украл Звезда, односно дека учествувал во проневера“.
Видиќ рече дека Терзиќ „се гордее со тоа што бил во затвор, вели дека таму запознал многу квалитетни луѓе“.
-Немам проблем Терзиќ да ги воспитува своите деца на тој начин. Но, тој ги испраќа тие пораки до моите деца, до нашите деца. Дека е во ред да се оди во затвор, дека тоа е начин да се зајакне и да постигне успех – рече Видиќ.