Во носењето на одлука за носење униформи во училиштата не треба да учествуваат само родителите, или училиштето, или градоначалниците, туку пред се, самите ученици. Доколку учениците си донесат таква одлука, повеќето граѓани сметаат дека униформите треба да бидат плаќани од буџетот на школите или граѓаните, рекоа граѓаните во анкетата „Внимание, внимание“ на „Трн.мк“.
Повеќето интервјуирани граѓанки и граѓани се против носењето униформи во училиште. Некои пак, укажуваат дека „секој има право и слобода да носи што сака“, дека униформата ја одзема „автентичноста на личностите“, а други укажуваат дека „облеката не го прави човекот“.
Според дел од испитаните граѓани униформите се од некое поранешно време, кое е цела епоха подалеку од сегашното и сметаат дека не е потребно униформирање, туку секој да си го задржи својот идентитет.
Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.