Израелските и американските официјални лица разговарале за протерување на неколку илјади борци од понизок ранг на Хамас од Појасот Газа како можен начин да се скрати времетраењето на војната, пишува Волстрит журнал.
Според него, тоа е идеја која потсетува на договорот постигнат со посредство на Америка, кој овозможи депортација на членовите на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), меѓу кои и лидерот Јасер Арафат, од Либан во Тунис, пренесува Гардијан.
Според еден предлог на израелски воен тинк-тенк, се предвидува создавање „безбедни зони без Хамас“, со кои би управувале новите власти во Појасот Газа, со поддршка на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, додава Волстрит журнал.
Висок израелски функционер, кој не беше именуван, изјави за весникот дека не се знае дали Хамас ќе прифати да го напушти Појасот Газа доколку му биде понудено.