Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во средата вечерта со авион пристигна во Скопје каде денеска ќе учествува на самитот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Пристигнувањето на Лавров во Македонија било преку Грција, а не како што претходно беше најавено преку воздушниот простор на Бугарија.
Источниот сосед Бугарија дозволи авионот со Лавров да лета над нејзина територија, но побара портпаролката на МНР, Марија Захарова, која исто како и шефицата на дипломатијата е на списокот на санкционирани лица поради руската агресија врз Украина, да не биде во авионот.
Захарова рече дека одлуката на бугарските власти да го одбијат прелетувањето на авионот на рускиот министер за надворешни работи е „опасна глупост“, пренесе руската државна новинска агенција ТАСС.
Министерството за надворешни работи на Бугарија во понеделникот соопшти дека дало дозвола за летот на авионот со Лавров за да учествува на состанокот на ОБСЕ, но не и на членовите на неговата делегација кои исто така се под санкциите на Европската Унија.
Захарова на Телеграм наведе дека „за прв пат во историјата државните органи забранија не авион, туку лице во авионот, бидејќи, според нота од бугарскиот дипломатски оддел, на авионот на руското Министерство за надворешни работи му беше дозволено да прелета“.
Наведувајќи дека е во Скопје, Захарова на Телеграм напиша дека „тоа не е само глупост, туку опасна глупост на некој интригант во бугарските владини структури“.