Некој во Кина создаде илјадници лажни профили на Фејсбук и Инстаграм дизајнирани да се претставуваат како Американци и ги искористи за ширење поларизирачка политичка содржина во очигледен обид да ги подели САД пред изборите следната година, соопшти Мета денес.
Мрежата од речиси 4.800 лажни сметки се обидуваше да создаде публика кога беше идентификувана и елиминирана од технолошката компанија, која ги поседува Фејсбук и Инстаграм. На сметките имало лажни фотографии, имиња и локации како начин да изгледаат како секојдневните американски корисници на Фејсбук кои размислуваат за политички прашања.
Наместо да се шират лажни содржини како што тоа го правеа другите мрежи, сметките се користеа за повторно споделување на објави од Twitter/X кои беа креирани од политичари, новински куќи и други. Меѓусебно поврзаните сметки извлекоа содржина и од либерални и од конзервативни извори, што е показател дека нејзината цел не била да се поддржи едната или другата страна, туку да се преувеличуваат партиските поделби и дополнително да се разгори поларизацијата.
„Овие мрежи сè уште се борат да изградат публика, но тие се предупредување“, рече Бен Нимо, кој води истраги за неавтентично однесување на платформите на Мета. „Странските закани се обидуваат да допрат до луѓето преку Интернет пред изборите следната година и ние треба да останеме внимателни“.
Мета јавно не ја поврза кинеската мрежа со кинеската влада, но утврди дека мрежата потекнува од таа земја.