Премиерот Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска одржаа средба со здруженија на пензионери, на која што се разговараше за поддршката за пензионерите предвидена со новиот деветти пакет антикризни мерки, а ги информираа и за начинот на исплата.
„Нам ни е важно да го заштитиме животниот стандард на пензионерите со најниски примања, ветивме поддршка за нив и ја исполнивме. Со новиот пакет антикризни мерки во наредните 5 месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно, оние кои имаат пензија од 14.000 до 16.000 денари, ќе имаат поддршка од 2.000 денари во наредните 5 месеци, и пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари, ќе имаат поддршка од 1.500 денари месечно во наредните 5 месеци. За оваа поддршка се предвидени 35 милиони евра, и со нејзе се опфатени над 187.000 пензионери. И ова е само дел од низата мерки што како Влада ги реализираме за пензионерите. Нашата поддршка за пензионерите е континуирана, и секоја мерка е креирана заеднички во соработка со здруженијата, со сојузот и согласно нивните интереси, се разбира согласно со можностите на фондот и Буџетот на државата”, изјави премиерот Ковачевски.
Министерката Тренчевска посочи дека продолжува креирањето на политики кои го подобруваат животниот стандард на највозрасната категорија на граѓани и овозможуваат стабилност и континуитет во Пензискиот систем.
„Со донесувањето на деветтиот пакет на антикризни мерки покажавме дека имаме слух за потребите на пензионерите. Со овие мерки ја задржавме стабилноста на фондот, денес се исплатија пензиите навремено и ќе продолжат да се исплаќаат и во наредниот период. Носиме системски решенија за добри резултати на долг рок”, изјави министерката Тренчевска.
При тоа, премиерот Ковачевски и министерката Тренчевска, посочија дека со воведувањето на новата методологија е обезбеден постојан раст на пензиите.
Просечната пензија денес изнесува 20.100 денари што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година, односно за 50%. Минималната пензија денес изнесува 13.150 денари, што е за 4.300 денари повисока во однос на 2016 година.
Во 2019 година со измени на Законот за социјална заштита, се воведе социјалната пензија, која ги опфаќа лицата над 65 години, кои немаат никаков приход, и не можат по друг основ да остварат пензија. По примерот на Законот за минимална плата во државата, со закон ќе се утврди и минималната пензија.
Во 2024 година годишниот буџет за пензии ќе биде најголем досега, односно 1,36 милијарди евра, 560 милиони евра повеќе од 2016 година. Со тоа, од 2017 година заклучно со 2024 година оваа Влада само за пензии ќе исплати 8,5 милијарди евра.