Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европската унија треба прво да потпише договор за стратешко партнерство со Украина наместо да ги започне преговорите за членство со земјата, посочувајќи го патот до можен компромис пред клучниот самит на ЕУ, пренесува Ројтерс. Ваквиот договор би можел да трае од 5 до10 години. Во средината на декември, 27-те земји членки на ЕУ треба да одлучат дали ќе ја прифатат препораката на Европската комисија да го поканат Киев за почеток на преговори за членство веднаш штом ќе ги исполни последните услови, иако води војна за да одбие руска инвазија.
За ваква одлука треба едногласност од 27-те членки. Унгарија се смета за главна потенцијална пречка која нема да дозволи да биде прифатена препораката на ЕК. Унгарскиот премиер во неколку наврати порача дека Унгарија нема да го поддржи предлогот во сегашната форма. Орбан денеска повтори дека ќе треба да се разјаснат неколку прашања пред да започнат преговорите за членство со Украина, велејќи дека е невозможно да се процени какви последици би имало членството на Украина врз блокот.
-Ќе се залагам за ставот дека ЕУ прво треба да потпише договор за стратешко партнерство со Украина. Ваквиот договор би можел да трае од 5 до10 години, да ги приближиме, бидејќи јазот сега е преголем. Да дадеме време да работиме заедно, а кога ќе видиме дека можеме да работиме заедно, тогаш да го поставиме прашањето за членство, изјавил Орбан во интервју за државното радио.
Предлогот на Орбан доаѓа еден ден откако претставниците на ЕУ во четвртокот рекоа дека Унгарија е блиску до отклучување на пристапот до милијарди евра од фондовите на ЕУ што Брисел ги суспендираше поради загриженоста дека Будимпешта ги поткопа демократските контроли и рамнотежи на земјата.