Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска во разговор со шеикот Мохамед бин Зајед ал Нахјан, претседател на Обединетите Арапски Емирати, дека прекинот на огнот во Газа претставува „многу негативен“ развој на конфликтот меѓу Израел и Хамас, соопшти кабинетот на Ердоган.
Лидерите на Турција и ОАЕ се сретнаа на маргините на самитот COP28 што се одржува во Дубаи. Ердоган се сретна и со премиерите на Јапонија и Италија, Фумиа Кишида и Џорџо Мелони, со кои разговараше за ситуацијата во Појасот Газа, како и со неговиот узбекистански колега Шавкат Мирзијоев, соопшти турското претседателство.
Претседателот Ердоган, кој оцени дека повторното започнување на конфликтот е многу негативно, рече дека Турција работи на постигнување траен прекин на огнот и дека хуманитарната помош стигнува до Газа, се вели во соопштението.
Турскиот претседател рече и дека неговата земја прави се за да го запре израелскиот „масакр“, но дека муслиманскиот свет мора да дејствува покохерентно.
Израелската армија утринава објави дека ги продолжила борбените операции против Хамас во Појасот Газа и дека нејзините авиони изведуваат серија воздушни напади врз цели на милитантната група.
Исто така, тврди дека Хамас ги прекршил условите на привременото примирје и дека истрелал ракета кон израелска територија непосредно пред истекот на примирјето утринава во 6:00 часот по локално време.