Како 21 век се разликува од крајот на 20 век? Зошто светските лидери се толку шокирани од она што се случува на почетокот на 21 век ако на крајот на 20 век совршено мирно го набљудуваа бомбардирањето на Југославија, Белград, односно главниот град на Југославија, кога граѓаните, меѓу кои и голем број деца, беа убиени од бомби со осиромашен ураниум, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Не беа убиени само граѓаните на Југославија, туку и на регионот. Од тие бомби загинаа и НАТО-војници бидејќи подоцна се разболеа од тешки болести. Каде беа тогаш сите земји на ОБСЕ? Не го видоа, не забележаа. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска зборуваше за сето ова“, изјави Захарова во интервју за ТВ-каналот „Русија-24“.
Таа посочи дека на состанокот на ОБСЕ во Северна Македонија преовладувала логиката дека без Русија нема смисла да се разговара за прашања за безбедност и соработка, како и за проблемите на европскиот континент воопшто.
„Победи логиката дека без учество на Русија нема смисла да се разговара за проблемите на европскиот континент од гледна точка на безбедност и соработка. Секој што ја знае картата на Европа ја разбира важноста на нашата земја, а тоа не е само географија бидејќи таа е важна од гледна точка на се: енергија, економија, безбедност, хуманитарна сфера“, истакна таа.
Според неа, организацијата добила илузорна, но барем некаква шанса да продолжи да постои бидејќи во спротивно сè би било бесмислено.
Захарова додаде дека Москва не го смета присуството на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Советот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ за дипломатска победа истакнувајќи дека тоа е шанса организацијата „да не потоне“.
Захарова уште еднаш се осврна на потегот на бугарските власти, кои ѝ го затворија воздушниот простор оценувајќи дека забраната е нарачана од проамерикански политичари, што е неразбирливо.
„Разговарав со јавни личности и новинари во Бугарија и сите беа шокирани од тоа што го направија нивните политичари. Дури мислам дека тоа не го направија политичарите, туку оние што ги спроведуваат американските идеи“, рече таа.
Таа нагласи дека бугарските власти немаат правна основа да ѝ забранат да биде во авионот што без застанување го преминува воздушниот простор на земјата, пренесува „РТ Балкан“.
„Ова во никој случај не е поврзано со никаква логика или закон. Но, повторувам, што ќе се случи следно? Тие треба да си го постават тоа прашање. Но, очигледно, во жарот и лудилото на таа русофобија нема повеќе време за прашања“, заклучи Захарова.