Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска го отвори културниот настан кој се одржa во рамки на 9. Меѓународна конференција за жени Ромки и жени патнички, порачувајќи дека колективна обврска е заедно да градиме еднаквост и дека уште сега треба да се размислува за тоа како ќе живеат и каков ќе биде животот на Ромките родени денес.
„Изложбата „Жена – мајка, столб и потпора” го покажува уважувањето и почитта која ја имаме кон жената Ромка и нејзината улога и придонес во семејството и општеството”, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска, укажувајќи дека црвената боја на женската ромска традиционална облека е симболот на нивната индивидуална жртва за колективна благосостојба, но и потенцијал да ги пробиваат општествено наметнатите бариери.
Костадиновска-Стојчевска се осврна и на денешната меѓународна конференција, за која рече дека е одлична можност за размена на добри практики и продолжување на дијалогот на сите засегнати страни на патот кон обезбедување на еднаквост и социјална вклученост на жените Роми и патници.
„Одржувањето на 9. Меѓународна конференција за жени Ромки и жени патнички, тука во Скопје, во организација на Советот на Европа е уште една потврда за нашето партнерство и заедничко делување во заштитата на човековите права, борбата против дискиминација и градењето инклузивни општества”, додаде Костадиновска-Стојчевска.
Таа посочи дека во годината кога се одбележуваат 75 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права, социјалното вклучување, борбата против сегрегацијата и стигматизацијата продолжуваат да бидат силни предизвици за еднаквоста на Ромките во најразвиените демократски општества, вклучувајќи го и македонското.
„Немаме алтернатива за највисоките демократски вредности и имплементација на инклузивните политики и стратешкиот план за вклучување на Ромите и патниците на Советот на Европа (2020-2025), за развој на отворено и инклузивно општество, во кое Ромките се интегрирани, почитувани и ценети граѓанки”, истакна Костадиновска-Стојчевска, нагласувајќи дека Владата посветува посебно внимание на заштитата на правата на етничките заедници врз основа на почитување на основните човекови права и слободи, како вреден и нераскинлив дел од македонското општество и неговата културна разноликост.
Министерката за култура потенцираше дека сме постигнале многу во унапредување на правата на Ромите, но мора да продолжиме гласно и јавно да зборуваме за предизвиците со кои се соочуваат секојдневно.
Костадиновска-Стојчевска посочи дека непоколебливо чекориме по овој пат кој е долг и никако лесен, но како што рече таа „е единствен за отстранување на бариерите што го попречуваат образовно, економско и политичко издигнување на жената Ромка”.
Во тој контекст таа укажа дека се поставени столбовите на кои градиме основа за вистинска и ефективна еднаквост на Ромките и дека промените се остварливи, доколку сите работиме заедно за еднаквост и еднакви права.
„А не смееме да заборавиме дека промените доаѓаат и преку уметноста која има моќ да даде идеја, емоција и храброст за дејствување во околината и секојдневието. Доближувајќи ги богатите традиции, култура и обичаи на ромската заедница до граѓаните, ги рушиме предрасудите и стереотипите за жените Ромки”, рече министерката.
Како пример за активни и влијателни жени, кои со своите активности го потврдиле потенцијалот и капацитетот на жената Ромка, министерката Костадиновска-Стојчевска ги наброја извонредните Есма Реџепова, Уснија Реџепова, Елена Лацкова, Цаја Стојка, Олга Панкова, Бронислава Вајс и многу други, како доказ за улогата и придонесот на Ромките во градењето на мултикултурното и одржливото општество.
На изложбата на уникатни носии кои за оваа прилика ги отстапи Здружението на љубители на ромската фолклорна уметност „Романо Ило”, се обрати и Халвард Горсет, раководителот на Одделот за антидискриминација при Советот на Европа, кој изрази задоволство што ромската култура и идентитет се дел од македонските музеи и музеите низ целиот свет.
„Тоа треба да биде позитивен пример за останатите земји членки на Советот на Европа коишто на тој начин го претставуваат и го промовираат културното наследство на Ромите, најмногу жените Ромки”, нагласи Горсет.
Настанот беше организиран од Советот на Европа и Европскиот ромски институт за уметност и култура (ЕРИАК), во соработка со Министерството за култура и Министерството за труд и социјална политика.