Со словенечка помош ќе се реализираат пет инфраструктурни проекти во пет македонски општини во вредност од 2,1 милиони евра. Инфраструктурните проекти произлегуваат од Меморандумот за меѓународна развојна соработка за периодот 2023-2024 година што денеска го потпишаа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и вицепремиерката и министерка за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон..
Словенија со 1,3 милиони евра ќе ја помогне изградбата на системот за прочистување на отпадни води во сливното подрачје на Дојранското Езеро, а со 225 илјади евра изградбата на хидроцентралата Б на браната Кнежево во општина Кратово чиј вкупен буџет изнесува 450 илјади евра. Со 224 илјади евра ќе ја помогне изградбата на системот за намалување на загубата на вода во општина Кочани чиј вкупен буџет изнесува 448 илјади евра, со 100 илјади евра ќе го кофинансира енергетското реновирање на зградата на градинката и ќе учествува во подигање на еколошката свест кај децата во општина Штип, а со 50 илјади евра ќе помогне во поставувањето соларни панели во општина Крива Паланка, проект вреден 100 илјади евра.
-Станува збор за проекти што ќе им донесат придобивки на граѓаните. Уште на почетокот на 2024 година ќе започнеме со координација за нови проекти за следниот меморандум за разбирање кој ќе важи за 2025 и 2026 година, рече Маричиќ на прес-конференцијата во Владата по потпишувањето на Меморандумот.
Нагласи дека Република Словенија на овој начин влегува во врвот на билатералните донатори кон земјава.
-Покрај поддршката што ја добиваме од Словенија за инвестициските инфраструктурни проекти за нас многу важна е техничката поддршка во делот на процесот на интеграција со Европската Унија. За финансирање на овие активности ќе ни бидат ставени на располагање речиси 260 илјади евра. Нашите институции имаат одлична соработка со Центарот за европска перспектива, особено во областа на борбата против организираниот криминал и корупцијата што значително придонесува за транспонирање и имплементација на правото на ЕУ во рамките на важното поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност, рече Маричиќ.
Словенија го поддржа новиот пакет за проширување на ЕУ до 2030 година со земјите од Западен Балкан. Словенечката министерка за надворешни работи нагласи дека посакува земјава да го продолжи европскиот пат.
-Веќе десетици години не само што помагаме за влез на Македонија во ЕУ туку тоа го поддржуваме и со развојни проекти. Денеска го потпишавме петтиот меморандум, рече Фајон и додаде дека од 2010 година досега Словенија инвестирала повеќе од 43 милиони евра во земјава во проекти за заштита на животната средина.