Убиен уште еден генерал на Путин, објави Би-би-си

Руски генерал загинал во експлозија на мина во Украина, соопштија неколку про-Кремљ извори, а пренесе Би-би-си. Генерал-мајор Владимир Завадски (45) бил заменик-командант на 14-тиот армиски корпус во моментот на неговата смрт, според извори. Се верува дека најмалку шест руски генерали ги загубиле животите од почетокот на инвазијата на Москва на Украина во февруари 2022 година.

Руското Министерство за одбрана не го коментираше инцидентот, а има спротивставени информации за тоа каде се случил инцидентот. Досега Министерството повеќе пати не споменуваше смрт на високи офицери, дури и откако блиски роднини јавно проговорија за нив. Извештаите велат дека генерал-мајор Завадски бил убиен во средата попладне.

Не е јасно каде се случил инцидентот, но се верува дека неговата единица во тоа време била во украинската област Херсон. Пред неговата сегашна функција, Завадски беше командант на елитната тенковска дивизија Кантемировски, со седиште надвор од Москва. Доколку се потврдат извештаите за смртта на генерал-мајор Завадски, тој ќе биде седмиот руски генерал за кој е познато дека е убиен во акција.

Потврдено е дека четворица генерали ги загубиле животите во првите четири месеци од војната, а уште двајца во летото оваа година. Неодамна, генерал-полковник Олег Цоков беше убиен во напад на хотел во кој беа сместени руски воени команданти во Бердјанск, на окупираниот јужен брег на Украина. Украински извори објавија уште седум смртни случаи на руски генерали, но оттогаш е докажано дека најмалку тројца се уште се живи.

Треба да знаете
Последни објави