„Гугл“ ги брише старите сметки од денеска

Почнувајќи од денес, Гугл ќе ги избрише сите стари и неактивни Гугл сметки, односно оние што не биле користени најмалку две години. Така, г-маил и други содржини како што се фотографии, записи во календарот, контакти и документи од дискот ќе бидат избришани, во согласност со новата политика на компанијата. Чистењето на целиот систем има за цел да ги заштити корисниците од безбедносни закани, како што се спам, фишинг измами и кражба на сметки, објаснува Гугл.

Гугл ги брише неактивните сметки од својот систем бидејќи, како што велат, „поголема е веројатноста да бидат компромитирани“.

Ненадгледуваните сметки често се потпираат на стари или повторно употребени лозинки, имаат помалку безбедносни проверки од корисниците и 10 пати поголема е веројатноста дека нема да имаат поставено двофакторна автентикација, покажуваат внатрешните податоци на Гугл.

Кога сметката е компромитирана, „може да се користи за се, од кражба на идентитет до спам или дури и злонамерна содржина“, се вели во соопштението на компанијата за промената на политиката.

Гугл ќе започне со укинување на неактивни сметки на 1 декември 2023 година, според известувањето што тие самите го објавија на страницата. Ќе започне со елиминирање на сметките што луѓето ги создале, а потоа никогаш повеќе не ги посетиле.

Според новата политика на Гугл, „ако сметката на Гугл не била користена или најавена најмалку 2 години, сметката и нејзината содржина, вклучително и содржината во Гугл Воркспејс (Гмаил, Докс, Драјв, Мит, Календар) и Гугл Фотос“ можат да бидат избришани.

Сепак, новите правила важат само за личните сметки на Гугл, што значи дека училишните или работните сметки не се засегнати. Дополнително, Гугл нема да ги отстрани сметките што прикачувале видеа на Јутјуб или имаат активни претплати на апликации или услуги за вести, според новата политика на компанијата.

Пред бришењето, корисниците ќе добијат „повеќе известувања“ дека нивните сметки ќе бидат укинати пред тоа навистина да се случи, се вели во соопштението на компанијата.

Треба да знаете
Последни објави