Украинскиот претседател Володимир Зеленски во големо интервју за Associated Press истакна дека војната со Русија е во сосема нова фаза.
-Зимата ќе ја искомплицира ситуацијата поради летната контраофанзива која не ги постигна посакуваните резултати. Сепак, и покрај неуспесите, нема да се откажеме. Имаме нова фаза од војната и тоа е факт. Зимата како целина е нова фаза од војната – изјави Зеленски за АП.
Претседателот на Украина не е незадоволен од она што го донесе контраофанзивата, иако од неа навистина се очекуваше многу, но конечниот резултат не ги исполни тие очекувања. Сепак, Зеленски нуди прагматичен поглед.
-Се бориме со втората најсилна армија во светот, затоа сум задоволен. Но, губиме луѓе и не сум среќен поради тоа. Не го добивме целото оружје што го сакавме, па ни со тоа не можам да бидам задоволен. Но, не можам премногу да се жалам.
Тој стравува дека војната меѓу Израел и Хамас ќе го засени конфликтот во Украина токму поради приливот на западна воена помош.
-Веќе можеме да ги видиме последиците од пренасочувањето на вниманието на меѓународната заедница поради трагедијата на Блискиот Исток. Само слепите не го гледаат тоа. Не смееме да дозволиме Западот да заборави на оваа војна. Таа промена на фокусот може да доведе до помала економска и воена помош за Украина, вели Зеленски.
Во обид да се смират тие стравови, вреди да се напомене дека американските и европските претставници продолжија да го посетуваат Киев по нападите на 7 октомври во Израел.
Меѓутоа, она што е проблематично е она што го посочува неодамнешното истражување на АП во САД, дека речиси половина од Американците мислат дека се троши премногу за Украина. Се поголем број републиканци не се за испраќање дополнителна помош и не е јасно дали и кога барањето на Белата куќа за дополнителна помош ќе биде одобрено од Конгресот.
Зеленски испрати многу едноставна порака до противниците на помошта за Украина.
-Ако нашиот отпор пропадне поради недостаток на помош и недостаток на оружје или финансиски средства, тоа ќе значи дека Русија најверојатно ќе ги нападне земјите на НАТО. Тогаш во војна ќе мора да одат и американските деца.