За пронаоѓање на исчезнатото 14-годишно девојче Вања Ѓорчевска досега се пребарани речно корито на Вардар, сите подрумски простории не само во околината туку и пошироко, добиени се информации од околните цркви и манастири, извести денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Исчезната Ѓорчевска е најважниот приоритет на секторот за внатрешни работи и посебно формираниот штаб кој изминативе пет дена е во секојдневна комуникација со родителите, роднините, пријателите и соучениците. Сите профили кои објавуваат лажни вести се детектирани и апелираше да не се шират дезинформации оти наштетуваат на истрагата. Заедно со јавен обвинител ќе преземат мерки против сите кои досега рашириле лажни вести, за што многумина веќе биле повикани во полициските станици, кажа министерот Спасовски.
За сите нови моменти околу потрагата по исчезнатото девојче која трае веќе петти ден ќе информираат на дневна основа. Спасовски посочи дека е формиран посебен штаб заедно со родителите, семејството и соучениците на исчезнатото 14 годишно девојче.
-Вклучени се неколку стотини полицајци кои исклучиво работат на потрага. Целото раководство на секторот е насочено да се најде девојчето, преземаме опсежни мерки. Ги користиме сите капацитети на јавна безбедност. Прегледани се преку 50 камери, се проверува и Сејф сити, а преземени се сите податоци од телеком операторите, рече Спасовски.
Досега се сослушани десетици лица со цел да се добијат информации, а полицијата има земено и електронски уреди кои во моментот се вештачат.