Бакингемска палата: Сино-белата вратоврска на кралот Чарлс Трети е само дел од неговата актуелна колекција

Бакингемската палата денеска соопшти дека вратоврската која ја носеше британскиот крал Чарлс Трети за време на неговото учество на климатскиот самит КОП28 во Дубаи, а за која медиумите објавија дека е поддршка за Грција поради нејзината боја и мотив, е дел од неговата актуелна колекција.

Палатата соопшти дека кралот ја носел истата вратоврска минатата недела кога го пречекал претседателот на Јужна Кореја, што беше пред несогласувањата меѓу британскиот премиер Риши Сунак и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Британската и грчката влада неодамна влегоа во спор околу враќањето на античките грчки скулптури од Британскиот музеј. Сунак потоа ја откажа средбата со Мицотакис, обвинувајќи го дека го прекршил ветувањето дека нема да го спомнува решавањето на „вечниот“ билатерален културно-дипломатски проблем.

Британскиот крал поттикна интензивни шпекулации по климатскиот самит со изборот на сино-бела вратоврска која потсетува на грчкото знаме.

Медиумите пишуваа дека кралот, иако е должен да остане политички неутрален, застанал на страната на Атина со изборот на облека.

Сликата на кралот беше објавена на повеќето грчки информативни сајтови под наслови како: „Сликата вреди илјада зборови“.

Во напис на веб-страницата на грчкиот дневен весник „Катимерини“ пишува: „Иако кралот Чарлс не зазеде став по ова прашање, овој потег многу аналитичари го гледаат како индиректна форма на поддршка“.

Сепак, Чарлс е познат како вљубеник во грчката култура и е чест посетител на земјата во која е роден неговиот татко, принцот Филип.

Кралот сака да ги минува своите празници таму и е страстен љубител на се што е хеленско.

Ова не е првпат кралската облека да поттикне гласини.

Во 2017 година, кралицата Елизабета Втора поттикна шпекулации дека зазема став за спорот за Брегзит, носејќи сина капа со жолти цветови што потсетува на знамето на ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави