Осомничениот за убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жеровски од Велес, Љупчо Палевски – Палчо има повеќе кривични пријави од претходните години.
Ова го потврдуваат и од полицијата.
„Ја информираме јавноста дека во 2019 година е поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а во текот на 2019 година поднесени се прекршочни пријави поради омаловажување на полициски службеник. Во 2020 година е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување на кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување“, велат од полицијата.
Палевски е во бегство и по него ќе биде распишана меѓународна потерница. Тој избегал во Србија, а оттука во Бугарија. Три лица се приведени за убиствата и веќе се во притвор.