Јужна Кореја денеска успешно изведе пробен лет на вселенска ракета со цврсто гориво што носеше сателит над морето кај островот Џеџу, соопшти Министерството за одбрана.
Тоа беше трет тест од ваков вид по тестовите во декември и март минатата година.
„Лансирањето вклучува технологија развиена во Агенцијата за развој на одбраната во земјата и вселенска ракета и сателит произведени од јужнокорејската Hanwha Systems“, се вели во соопштението на Министерството.
Компанијата посочи дека сателитот, кој ќе се користи за цивилни цели, вклучително и мониторинг на животната средина, успешно испратил сигнали до копнениот контролен центар.
Министерството го поздрави лансирањето како пресвртница бидејќи Пјонгјанг неодамна лансираше воен шпионски сателит.
Соединетите Американски Држави и нивните сојузници го осудија лансирањето на Северна Кореја за користење ракетна технологија што е во спротивност со безбедносната резолуција на ОН.
„Успешното лансирање на Јужна Кореја ќе ги подобри разузнавачките, надзорните и извидувачките способности на земјата“, соопшти Министерството.
Северна Кореја ги осуди, како што ги нарече, „двојните стандарди“ на Вашингтон во врска со лансирањето сателити од двете Кореи.
– Северна Кореја ќе продолжи да ја извршува важната мисија за воспоставување воздушно надгледување со цел темелно да ги следи и контролира воените потези на САД и другите непријателски сили, соопшти севернокорејската вселенска агенција, а пренесе државната новинска агенција КЦНА.