Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок пред парламентарните избори во Србија, изрази „огромна загриженост за тенденциите на националистичка пропаганда“ во таа држава, објави на својот сајт весникот Данас.
„Не може да има сиви зони во Европа“, изјави таа за време на прес-конференцијата во Љубљана во врска со претстојните парламентарни избори во Србија на 17 декември, како и за руското влијание во таа земја.
Бербок се осврна на односот на раководството во Белград кон Европската унија и нејзините блиски врски со Русија и нагласи дека „кога зборуваме за проширување, јасно е дека не можете да седите на две столчиња истовремено.“
Според неа, за пристапни преговори Србија “мора да биде придружена со посветеност на мирот, безбедноста и вредностите на Европската Унија. „Затоа сум крајно загрижен за последните случувања, особено во Србија, во врска со тенденциите на националистичката пропаганда“, изјави шефицата на германската дипломатија.
Позицијата на Србија, вели таа, влијае и на понатамошната соработка меѓу таа земја и Европската унија.
Владата на Србија, како што нагласи, мора да ги спроведе препораките на ОБСЕ во однос на демократските институции и човековите права.
Бербок зборуваше на прес конференцијата и за притисокот врз гласачите во Србија и злоупотребата на јавните функции и ресурси од страна на Владата на Србија. „Затоа е важно внимателно да се следат овие работи кога станува збор за овие избори“, нагласи Бербок.