Повеќе од 15.900 Палестинци, меѓу кои 250 здравствени работници, се убиени во Газа од почетокот на војната на 7 октомври, соопшти денеска на прес-конференција во градот Рамала на Западниот брег, палестинската министерка за здравство Маи ал Каила. Бројот на мртвите постојано расте и покрај меѓународните повици до израелските сили да го ограничат нанесувањето штета на цивилите во новата фаза на воената иницијатива во Газа која почна на 1 декември кога пропадна примирјето со Хамас.
Повеќе од 40.900 луѓе во Газа се ранети во израелските бомбардирања, според палестинското министерство. „Ако продолжи темпото на израелските сили, здравствениот сектор би можел целосно да се урне“, кажа Ал Каила. Кажа дека министерството настојува во реално време да ги преброи убиените, но очекува дека конечниот број ќе биде многу поголем.
Ал Каила кажа дека израелските воздушни напади ги погодиле здравствените установи и болниците, како и дека израелски сили притвориле 30 здравствени работници во офанзивата.