Да Силва: Путин ќе биде поканет на самитот Г20 во Бразил во септември 2024 година

Бразилските власти ќе го поканат рускиот претседател Владимир Путин на самитот на Г20 што ќе се одржи во Бразил во септември 2024 година, иако Бразил ја признава јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој издаде налог за апсење на рускиот лидер поради наводна вмешаност во воени злосторства, изјави бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва.

 Да Силва кажа дека од Путин зависи дали ќе дојде на самитот, бидејќи треба да ги процени последиците од неговото евентуално доаѓање поради распишаната потерница.

 -Бидејќи Бразил е потписник на Римскиот статут, Бразил е одговорен, истакна Да Силва, објави весникот „Кореио Бразилија“.

 Според изборниот закон, претседателските избори во Русија се закажани за средината на март 2024 година.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на 13 ноември изјави дека Путин сè уште не донел одлука дали ќе се кандидира за претседател во 2024 година.

 Самитот на Г-20 се очекува да се одржи следната есен во Бразил, кој го презеде претседавањето со групата на 1 декември.

 На 17 март МКС издаде налог за апсење на Путин и на комесарката за правата на децата на рускиот претседател, Марија Лвова-Белова, под обвинение за наводно „незаконско депортирање“ на украински деца во Русија.

 Според Конвенцијата за спречување и казнување на злосторствата против меѓународно заштитени лица од 14 декември 1973 година, шефовите на држави уживаат апсолутен имунитет од јурисдикцијата на странските држави.

Треба да знаете
Последни објави