Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, присуствуваше и се обрати на настан „ТОП 100 компании”, организиран од Стопанската комора на северозападна Македонија.
Во продолжение ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Димитар Ковачевски:
„Сакам да упатам честитки за организацијата на овој традиционален настан, каде се оддава признание на ТОП 100 најуспешни компании кои членуваат во Стопанска комора на северозападна Македонија.
Изборот на најуспешните ТОП 100 компании според остварени приходи, нето добивка и број на вработени е силно признание за Вашата успешна и посветена работа.
Мене ми е драго што денес сум дел од овој настан, меѓутоа со оглед на тоа дека и со претседателот на комората Ќура и со другите се знаеме долги години, веројатно како и порано би бил присутен во салата но не до претседателот. Сакам уште еднаш да се заблагодарам за оваа чест.
Согласно податоците на Стопанска комора на северозападна Македонија, најдобрите ТОП 100 компании, во 2022 година во услови на светска економско-енергетска криза го зголеми бројот на вработени споредено со 2021 година и вработуваат 9.441 наши сограѓани, имаат реализирано нето добивка од 100 милиони евра, оствариле 1,3 милијарда евра приходи и реализирале инвестиции од 64,6 милиони евра.
За вакви позитивни трендови, позитивни резултати сите заслужувате еден голем аплауз.
Тие позитивни трендови Владата водејќи се од стратешки политики и понатаму ќе ги поддржува и ќе создава поволен и предвидлив деловен амбиент за нови инвестиции во државата.
Економскиот развој е наша примарна цел. Влезот во НАТО, почетокот на преговорите со ЕУ, обезбедуваат севкупен економски напредок за сите граѓани во нашата земја. Со примената на стандардите на ЕУ и со почетокот на скрининг процесот следува забрзување на реформите и европско функционирање на институциите.
Нашата економија е отворена и динамична, за тоа сведочат бројните гости кои ги имаме од стопанските комори од соседството. Поздрав до гостите од косовската стопанска комора и тоа треба да го искористиме како шанса, како средство да постигнеме успех побрзо и одржливо на долг рок.
Еден од фундаментите на овој период, е трансформацијата на нашата економија. А тоа е европската економија на државата која ќе има доволно ресурси и капацитет за да биде дел од европската економија. За нашиот човечки капитал да биде дома, да произведува и сервисира услуги и за нас и за извоз, но и за милионскиот европски пазар.
Ние докажавме и преку производството и преку услугите и преку новите компании кои се отвораат во новите индустрии, во ИТ индустријата, во производството на автоделови дека имаме и знаење и вештини и капацитет да го направиме сѐ она што можат да го направат и во Франција и во Италија и во Германија. Па дури и таму го прават наши луѓе, да бидеме искрени до крај.
Убеден сум дека дента кога ќе станеме дел од ЕУ, нашата држава и нашиот регион ќе бидат држава и регион со највисоки стапки на економски раст во однос на сите други сегашни земји членки на ЕУ.
Во новото време на економија базирана на иновации и знаење, најдобрите практики се исклучително важни. Вашиот успех е огромна инвестиција за растот на државата.
Искрено, ви честитам за успехот, ви посакувам уште многу успеси, и заеднички да ги споделиме новите економски победи. За подобра сегашност и подобра иднина на сите граѓани!
Владата и натаму посветено ќе работи во создавање услови за развој на приватниот сектор кој е двигател на државата. Затоа, креираме мерки и нови планови за справување со моменталните предизвици, а паралелно работиме на мерки кои на среден и долг рок ќе донесат бенефит за државата.
Сите мерки ги креираме во соработка со претставници на деловната заедница, каде активно е вклучена и Стопанската комора на северозападна Македонија и нивниот придонес во креирање на подобар деловен амбиент е несомнен.
Владата е партнер на стопанството. Постојано расте бројот на домашни компании кои продолжуваме да ги поддржуваме преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, придонесовме за зголемување на нивната конкурентност дома и во странство.
Досега Владата има поддржано 919 домашни компании за нивните инвестициски циклуси со реализирани 500 милиони евра инвестиции поддржани со 100 милиони евра од државата.
Предвидовме континуирана поддршка за компаниите и со новиот деветти пакет на антикризни мерки, во рамките на кој компаниите ќе бидат поддржани со над 492 милиони евра.
Средствата ќе бидат насочени кон поддршка на зајакнувањето на приватниот сектор. Воведуваме конкретни мерки за ублажување на економската криза и зачувување на конкурентноста на нашата економија, на тој начин штитејќи ги работните места на граѓаните и создавајќи услови за достоинствени плати преку поддршка на трансформација на компаниите во енергетски ефикасни, компании кои воведуваат нови технологии и кои ги обучуваат своите вработени со најновите менаџмент практики.
Создаваме и многу можности за поддршка и преку механизмите на ИПАРД програмата и овозможивме поволни кредити преку Македонската банка за поддршка на развојот.
Приватниот сектор е еден од најважните двигатели на економијата, и затоа продолжуваме заедно да ја градиме нашата европска економија, за повисок раст, нови инвестиции и подобар животен стандард.
Уште еднаш упатувам честитки за ТОП 100 компаниите, како и за сите други компании кои се дел од Стопанска комора на северозападна Македонија, истовремено и до сите други компании членки на другите стопански комори.
Јас знам дека стопанските комори соработуваат исклучително добро меѓу себе, се почитуваат па дури и делат иста зграда во која се сместени и знам дека секогаш одиме на разговори со вицепремиерот за економски прашања, со министерот за економија, со министерот за финансии најчесто на состаноците присуствуваат сите стопански комори заедно.
Честитки и за раководствата и за вработените во коморите. Уште еднаш честитам и благодарам за честа и успешна 2024 година која е пред нас”.